Адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули, кој ги образложуваше направените прекршоци на партискиот Статут за време на минатонеделната седница на Централното собрание, обвини дека биле фалсификувани потписи на дел од членовите на ова тело кога се потпишувала иницијативата за разрешување на Таравари, а со тоа дека самата иницијатива е нелегитимна
Крилото на Арбен Таравари во Алијанса за Албанците денеска обвини дека Статутот на партијата бил прекршен во повеќе наврати за време на одржувањето на седницата на Централното собрание која актуелниот претседател на ова тело, Зијадин Села, ја свика и одржа минатиот викенд. Од минатонеделната седница на ова партиско тело произлезе иницијативата за разрешување на лидерот Арбен Таравари, за која ќе расправа конгресот овој викенд.

Според она што беше соопштено на денешната прес-конференција свикана од крилото на Таравари, првиот прекршок на Статутот е направен со самото свикување на Централното собрание на 10 февруари. Дополнително, адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули, кој ги образложуваше направените прекршоци на партискиот статут за време на минатонеделната седница на Централното собрание, рече и дека биле фалсификувани потписи на дел од членовите на ова тело кога се потпишувала иницијативата за разрешување на Таравари.
„Пред вас ги имам изјавите дадени во нотар од 70 члена од Централното собрание кои изјавуваат дека не учествувале на седницата одржана на 10 февруари годинава. Со ова може да заклучиме дека Собранието одржано на 10 февруари го немало потребното двотретинско мнозинство за да го свика конгресот на 18 февруари, а Собранието одржано на 10 февруари немаше ниту половина од членовите, така што Собранието е нелегитимно”,
рече адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули.
Според него, за иницијативата за разрешување на Таравари немало мнозинство, односно не била поддржана од две третини од членовите на Централното собрание, како што предвидува Статутот на АА, а со тоа е и нелегитимна.
Како нелегитимен е прогласен и вонредниот конгрес на партијата свикан за претстојниот викенд зашто за негово свикување не гласале две третини од членовите во Централното собрание како што предвидува партискиот Статут.
„Покрај статутарните прекршувања кои се констатирани и се во фаза на утврдување, одлуките донесени од таканареченото собрание од 10 февруари 2024 година може да претставуваат и кривични дела доколку се докаже дека за иницијативата за разрешување на претседателот Таравари како и за повикот на конгресот, не гласале две третини од партиските легитимни претставници во Централното собрание“,
додаде Абдули.
Минатиот викенд претседателот на Централното собрание на Алијанса, Зијадин Села, одржа состанок со членови на Централното собрание на партијата по кој беше соопштено дека е донесена иницијатива за разрешување на партискиот лидер Арбен Таравари на која ќе се расправа на вонреден конгрес в недела, 18 февруари.