Осомничениот ги подигнал десетте преносни компјутери од карго-компанија во Солун. Со намера да ги криумчари, тој уште на паркинг-простор во Грција ги скрил лаптопите на различни места во возилото кое било сопственост на рент-а-кар компанија

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречиле обид за шверц на десет преносни компјутери од марката DELL, чија вредност се проценува на околу 13 илјади евра.
Случајот бил откриен при детален претрес на возилото со кое патувал осомничениот македоснки државјанин, кое било во сопственост на рент-а-кар компанија. Поради основано сомневање, цариниците го селектирале автомобилот за контрола, при што на различни скриени места во внатрешноста на возилото биле пронајдени новите компјутери.
„Во предистражната постапка спроведена од страна на Одделението за истраги е утврдено дека осомничениот ги подигнал десетте преносни компјутери од карго-компанија во Солун. Со намера да ги криумчари, тој уште на паркинг-простор во Грција ги скрил лаптопите на различни места во возилото“,
велат од Царинската управа.
Против македонскиот државјанин, Одделението за истраги при Царинската управа поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија поради основано сомнение за сторено кривично дело криумчарење, кое е казниво според Кривичниот законик.
Од Царинската управа велат дека службите продолжуваат со активности за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување услови за фер економија.
