„Ќе продолжам да бидам меѓу вас, но отсега во еден послободен и независен пат – како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето“, порача Лога во објава на Фејсбук, додавајќи дека одлуката не била лесна, но дека е донесена по подолг период на анализа
Поранешниот министер за правда од редовите на Алијанса за Албанците (АА), Кренар Лога, вечерва на социјалните мрежи објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што досега ги извршувал во АА. Вели дека одлуката не била лесна, но дека е донесена по подолг период на анализа.
„Ќе продолжам да бидам меѓу вас, но отсега во еден послободен и независен пат – како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето“,
пишува Лога во објавата на Фејсбук.

Тој понатаму се осврнува на своето 10-годишно политичко искуство, за кое вели дека секогаш било искрено.
„Во текот на дебатите, критиките и судирите, можно е понекогаш да сум претерал. Доколку некој се почувствувал повреден од мојот збор или однесување, искрено му се извинувам. Секогаш сум ги кажувал своите ставови, убедувања и вистини без да ја пресметувам цената што тие можат да ја носат. Дури и кога тие не биле популарни, сум одбрал да не ги сокријам, затоа што вистината и иднината бараат храброст“,
вели Лога.
Додава дека како член на Алијанса за Албанците имал чест да ја извршува функцијата генерален секретар, а подоцна и потпретседател на партијата, за што изрази благодарност до партиското членство, активистите на АА, а благодарност упати и до на гласачите на „Европски фронт“, односно „Национална алијанса за интеграција“.
„Израснат сум во семејна, политичка и патриотска средина, роден во семејство кое избрало опстанок понекогаш преку земјоделство, а понекогаш преку печалба, единствено за да може полесно да се спротивстави и да се соочи со југословенскиот режим. Израснав меѓу двајца браќа кои останале без имиња до прво одделение, бидејќи режимот не дозволувал ‘иредентистички’ албански имиња, израснав опкружен со фамилијарни политички затвореници, диференцирани и прогонувани, воспитан со духот на националната преродба и патриотизмот – дух кој секогаш ќе ме поддржува, без оглед на улогата што животот ќе ми ја понуди. Имам многу што да раскажам… Се надевам дека еден ден ќе најдам храброст сето тоа да го ставам на хартија“,
додава Лога.
На крајот од фејсбук-објавата, тој вели дека земјава заслужува да се издигне како слободна и еднаква држава за сите свои граѓани, оценувајќи дека многу предизвици досега се надминати, но и дека многу други треба да се надминат со храброст и мудрост.
