Портапролот на Кремљ изјави дека Русија и САД сè уште не се договориле за никакви конкретни идни контакти меѓу претседателот Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, но дека Путин е подготвен за разни контакти на високо ниво доколку се правилно подготвени
Кремљ денеска објави дека ангажманот во обидот да се постигне решение за прекин на војната во Украина е исклучително сложен и дека би било погрешно да се очекуваат какви било итни одлуки, но дека се чека реакцијата на Украина на презентираните руски предлози.
Кремљ го објави ова откако Русија вчера, за време на мировните преговори во Турција, ѝ соопшти на Украина дека ќе се согласи на прекин на огнот само ако Киев се откаже од дел од територијата и прифати ограничувања за големината на своите воени сили. Ова се барања што Украина постојано ги отфрла.
И покрај тоа што претходно ги отфрлаше ваквите предлози, Украина изјави дека ќе помине некое време пред формално да одговори на Русија.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска им изјави на новинарите дека Москва чека на таа реакција и дека Русија ќе ги почитува договорите постигнати на разговорите во Истанбул за размена на затвореници и телата на паднатите војници.

„Темата за мирно решавање на конфликтот е исклучително сложена, се состои од голем број нијанси, а вчера го видовте објавениот текст на нацрт-мировниот меморандум што го предадовме на украинската страна“,
рече Песков.
„Мала е веројатноста за средба Путин-Зеленски-Трамп“
„Секако, би било погрешно да се очекуваат какви било непосредни решенија и напредок, но ние работиме на тоа, а во Истанбул беа постигнати одредени договори и тие се важни. Договорите ќе бидат спроведени, а потоа ќе продолжиме да работиме“,
рече тој.
Песков, исто така, рече дека Русија и САД сè уште не се договориле за никакви конкретни идни контакти меѓу претседателот Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, но дека Путин е подготвен за разни контакти на високо ниво доколку се правилно подготвени.
Одговарајќи на новинарски прашања, Песков изјави дека е малку веројатно Путин, Трамп и украинскиот претседател Зеленски да одржат директни разговори во блиска иднина.
На прашањето дали Русија е подготвена да направи компромис за кој било од своите предлози за решавање на конфликтот, Песков одби да коментира, посочувајќи дека разговорите се водат зад затворени врати.