Според него, страните почнале да работат на средбата, следната недела е одредена како репер, но тешко е да се каже колку дена ќе траат подготовките

Русија и Соединетите Американски Држави договориле средба меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп во наредните денови, изјави претседателскиот советник за надворешна политика, Јуриј Ушаков, пренесува „Гардијан“.
„На предлог на американската страна, во принцип е постигнат договор за одржување билатерална средба на највисоко ниво во наредните денови, односно средба меѓу претседателот Владимир Путин и Доналд Трамп“,
рече Ушаков.
Според него, страните почнале да работат на средбата, следната недела е одредена како репер, но тешко е да се каже колку дена ќе траат подготовките.
„Локацијата на средбата е договорена и ќе биде објавена подоцна“,
објасни претседателскиот советник.
Според него, специјалниот претставник на Белата куќа, Стивен Виткоф, ја споменал идејата за трилатерална средба меѓу Путин, Трамп и Зеленски, но Москва не одговорила на тој предлог.
„Предлагаме, пред сè, да се фокусираме на подготовката на билатералната средба со Трамп и сметаме дека е најважно таа средба да биде успешна и конструктивна“,
нагласи Ушаков.
Тој додаде дека средбата меѓу Путин и Виткоф била конструктивна, дека е разговарано за понатамошна заедничка работа за решавање на „украинската криза“ и дека Русија ќе ги информира своите пријатели и партнери за резултатите од средбата.
По средбата на Путин со Виткоф, американскиот претседател Трамп рече дека таа била „многу продуктивна“, и додаде дека е отворен за средба со Путин веќе следната недела.
Трамп напиша на социјалните мрежи дека „бил постигнат голем напредок“ на средбата, додавајќи дека веќе ги информирал некои од европските сојузници на САД за неа.
Во телефонски разговор со европските лидери, американскиот претседател рекол оти наскоро сака да се сретне со Путин, по можност веќе следната недела, а потоа да имаат тројна средба, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.