Во однос на идејата за средба меѓу лидерите, Песков оцени дека Киев „ја става кочијата пред коњот“ и дека прво треба да се заврши практичната работа пред да се премине на самит на највисоко ниво
Кремљ не очекуваше напредок во третата рунда преговори со Украина, изјави портпаролот Дмитриј Песков, пренесе ТАСС.

„Не очекувавме пробив, бидејќи тоа е речиси невозможно во оваа фаза“,
рече Песков оценувајќи ги руските предлози како конкретни и конструктивни.
Тој ја поздрави постигнатата согласност за размена на цивили и тела на загинати војници како многу важен хуманитарен аспект што треба да остане дел од дневниот ред.
Во однос на идејата за средба меѓу лидерите, Песков оцени дека Киев „ја става кочијата пред коњот“ и дека прво треба да се заврши практичната работа пред да се премине на самит на највисоко ниво.
Песков истакна дека Русија е отворена за разговор со САД околу резултатите од разговорите, доколку се појави потреба.
„Има воспоставен канал за дијалог што може брзо да се активира“,
појасни тој.
Тој повтори дека Украина постојано моли за оружје и оти снабдувањето е динамично, но исполнето со противречности.
Во врска со префрлањето на воените дејства на руска територија, Песков рече дека руската армија создава тампон-зони и уништува воена и логистичка инфраструктура.
Засега нема конкретни разговори за евентуална средба помеѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп за време на посетата на рускиот лидер на Кина по повод 80-годишнината од победата над Јапонија.
„Путин се подготвува за патувањето“,
рече Песков, но додаде дека Белата куќа сѐ уште не најавила дали Трамп ќе патува во Кина.