Собранискиот спикер рече дека парламентот и тој лично како претседател на законодавниот дом не е добро да коментираат политички одлуки
Крајно време е да престанеме да се мешаме во судството – изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, прашан да го коментира враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во земјава, кој повеќе од една година беше во бегство, а во понеделникот се врати во земјава. Гаши во оваа смисла рече дека Собранието и тој лично како претседател на законодавниот дом не е добро да коментираат политички одлуки.

„Но, она што го имам изјавено јавно и можам да го повторам е дека е крајно време да престанеме да се мешаме во судството. Таа перцепција кај граѓаните дека има некаков договор остава лошо чувство кај сите граѓани, така што мојата порака би била конечно секоја институција да си ја врши својата работа, во овој дел тоа се судството и обвинителството. Нека си ја вршат својата работа совесно и професионално. Тоа ќе биде доволно сите граѓани да бидат задоволени. На крајот важна е правдата“,
рече Гаши во изјава за медиумите.
Собранискиот спикер ги повика сите институции и актери во општеството – судството, обвинителството, извршната и законодавната власт – да си ја извршуваат својата работа професионално и совесно.
„Ако сите работиме во една насока мислам дека ќе постигнеме позитивни ефекти во побрзо време“,
рече Гаши и додаде дека повеќе нема време за губење за воспоставување правна држава.
Собранискиот спикер не смета дека враќањето на Артан Груби е политичка одлука.
„Немам никакви информации, не можам да тврдам нешто што не го знам“
вели тој.
