Сторителите пробиле дебел бетонски ѕид во филијала на банката „Шпаркасе“ во западниот град Гелзенкирхен, а потоа провалиле во неколку илјади сефови и украле сума проценета на двоцифрени милиони евра

Крадци во Германија успеале да се пробијат во трезорот на германска банка и да побегнат со пари и вредни предмети во вредност од најмалку 10 милиони евра од сефовите на клиентите, соопшти полицијата.
Сторителите пробиле дебел бетонски ѕид во филијала на банката „Шпаркасе“ во западниот град Гелзенкирхен, а потоа провалиле во неколку илјади сефови и украле сума проценета на двоцифрени милиони евра, се вели во соопштението на полицијата.
Повеќето продавници и банки се затвораат во Германија за време на божиќниот период почнувајќи од вечерта на 24 декември, а полицијата ја открила дупката дури откако се вклучил противпожарниот аларм вчера во раните утрински часови.
Полицијата верува дека била користена голема дупчалка за пробивање на ѕидот.
Банката денеска останала затворена, додека околу 200 луѓе се појавиле пред неа барајќи да влезат внатре.
Полицијата соопшти дека сведоци пријавиле оти виделе неколку мажи во саботата навечер како носат големи торби на скалите на соседната паркинг гаража.
