Како што се вели во соопштението од „Електродистрибуција“, изготвена е и фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари или 260 илјади евра
„Електродистрибуција“ откри кражба на електрична енергија од трафостаница. По направена проверка е утврдено дека струјата се користела за копање биткоини во деловен објект, односно поранешен млин во скопски Бутел.

Оттаму велат дека поради сомневање за наводна кражба на струја, тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побарал пребарување од полицијата и од вешто лице во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје.
„Со наод на вешто лице и извршено пребарување во деловен објект, утврдена е тешка кражба на електрична енергија од трафостаница“,
се вели во соопштението од „Електродистрибуција“.
При проверката е констатирано дека електричната енергија се користела противправно преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница, која е во сопственост на „Електродистрибуција“.
Деловен објект, поранешен млин, пак, бил користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини.
За случајот е направен записник за неовластено користење, изготвени се наод и стручно мислење од овластен вештак, а до Министерството за внатрешни работи (МВР) е поднесена кривична пријава за неовластено преземање електрична енергија.
Како што велат од „Електродистрибуција“, изготвена е и фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари или 260 илјади евра.
