Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците, велат од Министерството за здравство
Вкупно 1 739 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 се лекуваат во болниците низ земјава. Од Министерството за здравство информираат дека има околу 220 празни болнички кревети.
Дури 703 пациенти од вкупниот број на хоспитализирани се лекуваат во скопските ковид-центри, каде само во последното деноноќие биле примени 65 нови ковид-пациенти. Утринава на скопските клиники имало само шеесетина слободни кревети, а од Министерството за здравство информираат дека се обезбедуваат дополнителни болнички капацитети.
Од Министерството во соопштение до јавноста посочуваат дека и покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои, како што велат, се побрзо се исполнуваат со пациенти, обезбедени се слободни места на повеќе клиники, Институтот за белодробни заболувања Козле, како и на интерните клиники.
„Сите болници и медицински кадар се целосно мобилизирани. И во болниците низ државата, секојдневно системот се менаџира, помеѓу постојаните инфективни одделенија во здравствените установи и модуларните болници. Оваа здравствена криза погодена од третиот и, како што стои во дописот – можеби најсилен бран досега, е присутна насекаде – кај нас, во регионот, во цела Европа. Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците“,
се вели во соопштението.
Министерството за здравство упатува апел да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
„Министерството за здравство ги повикува граѓаните секој индивидуално да даде свој придонес во борбата со корона вирусот и да им помогне на здравствените работници, во оваа исцрпувачка битка која трае повеќе од една година“,
велат од Министерството за здравство.
