Пациентка позитивна на ковид починала во болница само неколку часа по приемот откако две недели претходно непознат лекар ѝ давал терапија во домашни услови за која никаде не постои медицинска историја
Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) апелира до граѓаните што се позитивни на ковид-19 да не прифаќаат лекување во домашни услови ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.
Од Инспекторатот известуваат дека добиле претставка од здравствен работник за починато лице инфицирано со ковид-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид-центар во многу лоша здравствена состојба и починало за само неколку часа по приемот.
„Блиски роднини на починатото лице дале податок дека сега веќе починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, а истите ги посочил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил прием на пациентката каде починала“,
се вели во соопштението.
Според сите законски прописи, инспектори од ДСЗИ, по претставката на здравствениот работник, веднаш излегле на терен и утврдиле дека матичниот лекар на пациентката ѝ пропишал само таблетарна антибиотска терапија. Од Инспекторатот велат дека пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој на сега веќе починатата ѝ давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај.
Од тие причини, ДСЗИ случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи.