Најголемите жртви на органзираниот криминал во услови на пандемија се ранливите групи луѓе, но и чесните бизнисмени кои покрај економските падови треба да се борат со нелојалната конкуренција
Ковид-кризата влијаеше на секој аспект од општественото делување на луѓето низ светот, а не го заобиколи ниту организираниот криминал во повеќе сфери, па тие групи исто така дадоа одговор на новонастаната сотојба во светот.
Трговијата со дрога, но и трговијата со луѓе остануваат и во ова време предизвик за државите, но зголемен пораст на криминал значително е забележан во онлајн просторот. Ова го заклучија говорниците на дискусијата „Влијанието на ковид врз организираниот криминал“ што се одржа во рамките на 10. Белградски безбедносен форум во соработка со Владата на Холандија.

Ангела Ме, која е раководител за истражување и анализа за дрога и криминал при Канцеларијата на Обединетите нации, рече дека останува предизвикот за справување со тешкиот криминал, како трговија со луѓе и трговија со дрога, но истакна дека во овие неколку месеци криминалните групи се насочија и кон фалсификување медицинска опрема.
„Потребата од заштитни маски, дезинфекциски средства, како и друга медицинска опрема, која сега му е неопходна во повеќе количини на секој жител во светот, ги привлекоа криминалците да се занимаваат и со ова. И се додека и вакцина против ковид-19 не биде достапна до сите луѓе во светот, тоа ќе значи отворена врата за организираниот криминал и на ова поле“,
истакна Ме.

Со ова се согласија и останатите соговорници, кои потенцираа дека ваквиот крминал ја искористи неподготвеноста и потешкотиите на глобалните ланци за снабдување со медицинска опрема.
Стратешкиот аналитичар на Европол, Саша Струп, потенцираше дека нелегалната трговија со наркотици особено заживеа за време на пандемијата.
„Шверцот на кокаин од Јужна Америка во Европа е во рекордни количини. Корона-кризата немаше никакво влијание врз шверцот преку морски патишта“,
рече Струп и додаде дека шверцот на дрога сега главно се одвива преку морски пат, бидејќи авионскиот сообраќај беше речиси целосно запрен.
Искористувајќи ја ситуацијата, кога властите во обид да го спречат ширењето на вирусот донесоа мерки со ограничување на движењето на луѓето, но и целосни карантини во одредени земји, организираниот криминал најде начин да продолжи да го работи својот „бизнис“ преку интернет.
„Луѓето подолго време беа во своите домови, во некои држави тоа беше и целосен карантин, па не само работата, туку и слободното време се поминуваше пред компјутерите и на мобилните телефони. Ова беше добра шанса за сајбер-криминалот кој е во подем и потешко се детектира и казнува“,
рече Марк Шо, директор на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал.
Кит Дичам, кој е директор на Групата за истражување на организиран криминал и полициско работење „РУСИ“, смета дека загрижувачки е фактот што економскиот пад остави милиони луѓе и бизниси на раб на егизстенција. Тој смета дека лојалните бизнисмени се двојни жртви во пандемијата. Прво, со затворањето на границите им опадна трговијата, а потоа на ред доаѓа и борбата против нелојната конкуренција или организираниот криминал, кој навлегува во различни бизнис преку други “инвентивни методи”. Дичам истакна дека во бизнис сферата најмногу губат малите бизниси.

Џeузепе Соренти, кој е асистент-професор по економија на Економското училиште во Амстердам при Универзитет во Амстердам, изготвил анализа која се осврнува на сознанието дека криминалните организации вложуваат огромни суми пари во легалните економии низ многу земји ширум светот.
Според него, овие инвестиции им овозможуваат на криминалните организации моќна алатка за делување во општеството. Земајќи ја за пример Италија, тој вели дека оваа земја историски е најпогодена од присуство на криминални групи.
„Резултатите покажуваат дека за време на периоди на економска и социјална криза, организираниот криминал може да ги искористи слабостите на институционалниот одговор на кризата, консолидирајќи ја и евентуално проширувајќи ја неговата улога како инвеститор во легалната економија“,
рече Соренти.