Минатата недела имало и 36 граѓани кои повторно се заразиле со коронавирус. Од почетокот на пандемијата, па заклучно со 14 ноември вкупно се пријавени 822 случаи на реинфекција, што е 0,39 отсто од вкупниот број на досега заразените кој изнесува 209 449 лица

Намалување од 8,1 отсто на бројот на новозаразени од Ковид-19 минатата седмица во споредба со претходната, бележи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава.
Од 8 до 14 ноември од ковид-19 заболеле 3 218 лица, што е за 286 помалку од периодот меѓу 1 и 7 ноември.
Меѓутоа, помал е и бројот на тестирани. Тој изнесува 21 346 лица што е за 3,5 отсто помалку од неделата претходно. Процентот на позитивни од вкупниот број направени тестови се движи од 10,7 до 20,4 отсто, а просечно изнесува 14,8.
Најмногу новозаразени има во Скопје, а регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (4,6 проценти). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,2 проценти). Според полот, 52,1 отсто од заболените се жени, а 47,9 машки.
Пријавени се 77 смртни случаи, најмногу од возрасната група над 60 години.
Минатата недела се евидентирани и 2 660 оздравени лица.
ИЈЗ регистрирал и 36 реинфекции, за 26,5 отсто помалку во однос на претходната недела. Заклучно со 14 ноември вкупно се пријавени 822 случаи на повторно заразени што е 0,39 отсто од вкупниот број на досега заразени кој изнесува 209 449 лица.