Ситуацијата со коронавирусот беше причина минатата недела да се одложат две судски рочишта поради тоа што обвинети се или во изолација или имаат позитивен тест за ковид-19
Денешното рочиште за предметот „Титаник“ е одложено поради тоа што еден од обвинетите, поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, е позитивен на ковид-19.
Одбраната на Протуѓер до Судот доставила известување дека и сопругата на обвинетиот е позитивна на коронавирусот поради што, според протоколите, тој ќе биде спречен да присуствува на главните расправи во следните 20 дена, односно во тој период нема да се одржат главните расправи.
Во однос на новонастаната ситуација, судијата Осман Шабани ги задолжи адвокатите на обвинетиот Мартин Протуѓер пред 5 ноември да го известат судот за неговата здравствена состојба.
Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Во овој предмет се осомничени 20 лица за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2012 година.
Ситуацијата со коронавирусот беше причина минатата недела да се одложат две судски рочишта поради тоа што обвинети се или во изолација или имаат позитивен тест за ковид-19 – поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексминистерот Спиро Ристовски имаат решенија за изолација поради што е одложено судењето на „Организаторите на 27 април“, а поради позитивниот резултат на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, се одложи и „Таргет-Тврдина“.
Се одложи и случајот ТНТ бидејќи еден од адвокатите на странките, исто така, се наоѓаше во изолација.