Градот Вухан, жариштето на заразата со новиот коронавирус, втор ден по ред регистрира едноцифрен број заболени – само пет нови случаи, соопшти кинеската влада.
Во останатиот дел од покраината Хубеј, без градот Вухан, осми ден по ред нема нови случаи на заболени.
Во цела Кина вчера беа регистрирани осум случаи. Во Шангај се пријавени два, а во Пекинг еден новозаболен.
Во Европа, Италија и натаму е најпогоденото подрачје од новиот вирус.
Кинеските медиуми објавија дека на повик за помош од Италија е испратена голема помош во медицинска опрема и апарати.
Станува збор за два милиони маски и околу 10.000 респиратори, како и 20.000 заштитни одела и 50.000 комплети за тестирање.
Помошта е испратена врз основа на договорот потпишан по телефонскиот разговор на шефовите на дипломатиите на двете земји.
До утрово вкупниот број на жртви од болеста во Италија изнесуваше 1 016, додека заразени се над 15 000 лица.