Во лекувањето на болните од ковид-19 се вклучуваат и приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“. Во трите болници има протоколи за изолација во кои може да се третираат пациенти за таа услуга за која биле иницијално примени, со цел да се ослободи капацитетот односно притисокот од болницата „8 Септември“, каде што обично се префрлаа овие пациенти.
Со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно-здравствените установи, пред сѐ специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.
„Засега нема потреба, сосема доволен е овој број што се пријавени на список и според принцип на приоритет ќе бидат распоредени во јавно-здравствените установи. Доколку се наметне потреба да се преполнат нашите капацитети во јавно-здравствените установи, да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради ковид-19 вирусот“,
рече министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција.
