Од денеска во Србија почна нова фаза од нормализирање на секојдневниот живот со отворање на градинките и продолжениот престој за учениците од основните училиште, шалтерите на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за регистри на деловни активности (АПР), како и судовите.
Како што јави МИА од Белград, со укинување на вонредната состојба, веќе работат кафеаните, рестораните, фитнес-центрите, салоните за убавина, но и маркетите, трговските центри и јавниот превоз.
Денеска децата низ цела Србија тргнаа во градинки, кои беа затворени на 16 март поради пандемијата. Само во Белград се очекува 13 500 деца од денеска да почнат да доаѓаат во градинките. Од институциите тврдат дека е набавена комплетна заштитна опрема, дека родителите биле известени за мерките што треба да ги почитуваат и дека вработените се подготвени.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека од денеска граѓаните на шалтерите на полициските управи и станици ќе можат да го регистрираат своето живеалиште и престојот, да достават барање за издавање лични карти, пасоши, возачки дозволи, регистрација на возила, оружје, државјанство и да ги преземаат документите.
И Агенцијата за деловни регистри (АПР) продолжува да работи со странки на шалтерите во седиштето на АПР, а Високиот судски совет одлучи од денеска со работа да почнат и судовите.
Во Србија е укината вонредната состојба, но не и состојбата на прогласена епидемија. Затоа од Кризниот штаб порачуваат дека во секоја ситуација треба да се внимава на држењето физичко растојание, често да се мијат и дезинфицираат рацете и да се носат маски на затворени места каде има повеќе луѓе.
Во Србија до денеска има регистрирано 10 114 заболени со ковид-19, 215 досега починаа, а 3 006 лица се оздравени.