Четврти ден по ред, во Србија има повеќе од 90 новозаразени со коронавирус, а во последните 24 часа потврдени се 94 нови случаи, еден повеќе од вчера.
Во земјата во изминатото деноноќие почина уште еден пациент, а на респиратор се 18 лица.
Во последните 24 часа биле тестирани 4 211 луѓе.
Во Србија од минатата недела се одржуваат спортски натпревари со публика, при што од фотографиите може да се забележи дека не се применуваат ниту мерки за лична заштита. Исто така, се организираат и јавни настани и прослави како и предизборни собири. Викендов се одржуваат парламентарните избори.
Бројот на заразени со коронавирус во Босна и Херцеговина во последните 24 часа се зголеми за 66 во новиот бран кој избувна после олеснувањето на мерките. Властите не планираат враќање на рестриктивните мерки, но ги повикуваат граѓаните да внимаваат и да се придржуваат кон епидемиолошките препораки.
Федералниот завод за јавно здравје соопшти дека во последните 24 часа, од 548 тестирани примероци, 36 биле позитивни на Ковид-19, додека во исто време 30 новозаразени лица биле регистрирани во Република Српска.
Федерацијата БиХ повика на придржување кон мерките за претпазливост за да се спречи ширењето на коронавирусот.