По олабавувањето на рестрикциите земјите од соседството бележат пораст во дневните статистики за бројот на нови случаи.
Србија денеска регистрираше 96 случаи, додека вчера имаше 59 новозаразени. Ден претходно – на 15 јуни, имаше 57. Денешните 96 случаи, како што покажува статистиката на „Ворлдометар“, се најголема бројка регистрирана во текот на јуни. Истиот број на случаи Србија имала и на 5 јуни.


И бугарските здравствени власти последните денови бележат раст. Како што пренесен агенцијата „БГНЕС“ денеска таму има 112 нови случаи, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со вчерашните 51 новозаразен. Ден претходно, пак, биле регистрирани 24 новозаболени.
Статистиката за Грција, пак, покажува дека во последните 24 часа има нови 55 случаи што е речиси четири пати повеќе во споредба со вчера кога имало 14 новозаразени. „Ворлдометар“ говори дека на 15 јуни во Грција имало 13, а претходниот ден само 9 новозаболени.


Рекорди во Албанија и Косово
Албанија и Косово, пак, денеска забележаа пад во однос на вчерашните бројки, а вчерашните беа рекордни.
Албанските власти регистрирале 50 нови што е за 32 случаи помалку од вчера. Меѓутоа, вчерашниот ден со 82 случаи беше рекорден по бројот на дијагностицирани случаи во еден ден од почетокот на пандемијата, покажува „Ворлдометар“.

Вчера рекорд забележа и Косово. Како што јави „Алџезеира“, имало 141 случај што исто така, е најголем број на позитивни случаи од почетокот на пандемијата. Денеска, пак, како што пренесе новинската агенција „Анадолија“ косовските здравствени власти регистрирале 77 новозаразени.