Американците во огромен број ги запоседнаа плажите на океаните и на езерата во текот на продолжениот викенд за Денот на сеќавањето, поради што во одредени федерални држави се соочија со полицијата поради прекршување на ограничувањата воведени поради епидемијата со ковид-19.
Во Флорида државната полиција растера група од стотици луѓе на плажата Дејтона во саботата, додека во Мисури, баровите кај езерото на Озарк биле преполни со гости кои не се придржувале до мерката за физичко растојание.
Шефицата на американската работна група за справување со епидемијата, д-р Дебора Биркс, изрази голема загриженост поради ваквите сцени.
„Навистина сакаме да биде јасно дека физичкото растојание е од судштинско значење. И, ако не можете да одржувате дистанца кога сте надвор, мора да носите маска“,
изјави д-р Биркс за телевизијата Еј-би-си.
Лида Крусон, градоначалничката на Сент Луис, Мисури оцени дека е таквото однесување со висок ризик само поради забава во продолжен викенд е неодговорно и опасно.

„Сега, овие луѓе ќе се вратат дома, со што ќе ја зголемат можноста за заразени, па и смртни случаи. Ова е многу вознемирувачко“,
рече таа.
Во Јужна Каролина десетици чамци беа дел од парадата „Да ја направиме Америка повторно најсилна“, при што гужвите биле толку големи што властите ги затворија паркинзите бидејќи биле полни, пренесува агенцијата Асошиејтед Прес.

Во Калифорнија голем број луѓе ги посетија плажите за викендот, а локалните власти соопштија дека повеќето од присутните носеле маски и одржувале растојание.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, денеска оцени дека некои граѓани би требало постојано да се потсетуваат на важноста од физичкото растојание и редовната хигиена.
Сепак, тој рече дека е убеден дека како што ќе се укинуваат ограничувањата во следните денови, американскиот народ ќе се врати кон нормалнното живеење на безбеден и одговорен начин.
Денот на сеќавањето – кој се одбележува последниот понеделник во мај, го означува неофицијалниот почеток на летото.
САД имаат најмногу случаи на заразено со коронавирус во светот со над 1,6 милиони и речиси 100 000 смртни случаи поврзани со вирусот.
Сите 50 американски држави сега се делумно повторно отворени по двомесечната изолација.
Некои од најтешко погодените области, како Њујорк, Њу Џерси и државата Вашингтон, сега покажуваат најголем пад во бројките, додека мнозинството држави достигнаа неочекувани пикови.