Министерот за здравство најави дека светло на крајот од тунелот е вакцината
И по пет седмици карантин, здравствениот систем во Грција е под притисок, со исполнети 83 отсто од капацитетот на одделите за интензивна нега во грчките болници, ссоопшти денеска министерот за здравство, Василис Кикиљас.
И денеска, бројката на новозаразени е висока – 1 677, додека 95 лица починале. Од новите случаи, овој пат, зголемување има во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што се 365 од новозаразените и каде што се исполнети 77 проценти од капацитетите на одделите за интензивна нега.
Најкритична и натаму е ситуацијата во Солун, каде што денеска има 317 нови случаи, додека празни се само девет отсто од капацитетите во болниците.
Кикиљас рече дека постои загриженост за бројот на случаите во девет грчки периферии, меѓу кои западниот дел на Атика и северниот дел на земјата.
Во грчките болници, на апарати се наоѓаат 578 пациенти, еден помалку од вчера.
Министерот за здравство уште еднаш ги повика граѓаните овој Божиќ да го прослават различно, без собири и со придржување кон мерките.
Како „светлина на крајот од тунелот“, тој ја спомена вакцината за ковид-19, за што наскоро ќе започне национална кампања, додавајќи дека во неа ќе бидат вклучени сите сегменти од општетството – Владата, партиите, црквата, лекарски и фармацевтски здруженија, комори и други.
Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 3 289 смртни случаи и 119 720 заразени лица со коронавирус.
