Во ковид-центрите низ земјава вкупно се хоспитализирани 1 528 пациенти од кои 596 се во Скопје, а останатите 932 се лекуваат во болниците во другите градови, покажува дневниот извештај од Министерството за здравство.
Слободни се, пак, околу 550 болнички кревети, од кои околу 220 се во Скопје.
Во Скопје имало повеќе излекувани од примени пациенти
Во последните 24 часа, во ковид-центрите во главниот град биле примени 42 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, додека отпусни листи им се дадени на 79 излекувани пациенти.
Според извештајот од Министерството, најмногу хоспитализирани има на Инфективната клиника (147). Во Градската општа болница „8 Септември“ се лекуваат 118 ковид-пациенти, додека на интерните и хируршките клиники вкупно се згрижени 245 болни.
На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 41, на Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“ има 32 пациенти, а на Детската клиника се хоспитализирани 7 позитивни деца и 4 мајки. На Клиниката за гинекологија и акушерство, пак, има 2 заразени пациентки.
Каква е состојбата во болниците надвор од Скопје
Кога станува збор за болниците во останатите градови, најмногу хоспитализирани има во битолската (124) и во струмичката (116).
Висока бројка на хоспитализирани има и во Прилеп (98), Куманово (95) и Охрид (92).
Понатаму, во болницата во Велес се лекуваат 87, во Штип 76, Кавадарци 57, Тетово 40, Кичево 37, Кочани 34, Гостивар 31, Струга 23 и Гевгелија 22.
