Затворени се повеќе жаришта на коронавирус во Мелбурн, вториот најнаселен град во Австралија, во обид да се спречи ширењето на заразата.
Премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус, нареди воведување карантин во 10 предградија на Мелбурн, откако денеска се регистрирани нови 64 случаи на ковид-19, при што поголемиот дел од новите случаи се резултат на локална трансмисија токму во овие предградија.
Новите рестрикции значат дека жителите во овие предградија можат да ги напуштат своите домови само за одење на лекар, вежбање, купување основни продукти или одење на работа и училиште.
За спроведување на мерките ќе биде ангажирана полицијата која ќе патролира во предградијата и ќе ги казнува оние што нема да ги почитуваат.
Државата Викторија за време на викендот ја мобилизира војската, како и стотици волонтери и здравствени работници, за да ја намали високата стапка на инфекција и почна со тестирање во 10-те предградија, означени како жаришта на коронавирус.
Здравствени власти соопштија дека во последните три дена се спроведени речиси 100 000 тестирања.
Австралија досега има регистрирано околу 7 700 случаи на заразени и 104 смртни случаи од ковид-19.