Според информациите од Центарот за јавно здравје во Велес, во изминатите 24 часа нема регистрирани новозаболени од ковид-19, со што во Велес петти ден нема регистрирано нов случај.
Од 21 мај, кога беа 127 случаи, денеска активни се 40.
Како што изјави за МИА портпаролот на ЈЗУ Општа Болница Велес, д-р Весна Неделковска-Николова, денеска од инфективното одделение на болницата е испишан еден оздравен пациент, а на ова одделение денеска има 18 пациенти со позитивен тест на ковид-19.
Од нив една жена на околу 60 години во потешка здравствена состојба, од инфективното одделение на велешката Општа болница денеска е препратена на понатамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје.
Од Министерството за здравство денеска информираа дека на Инфективната клиника во Скопје почина пациентка од Велес на 78-годишна возраст хоспитализирана на 14 мај.
