Мора да се забрза вакцинацијата на младите за да се спречи нов врв на ковид-19, алармираше државниот секретар на Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, кој денеска рече дека вакцинацијата на помладото население оди со слабо темпо и досега изнесува само 17 отсто.
„Со толку низок процент на имунизација на младите и со делта сој што ќе ја покаже својата сила само за еден месец или два, едвај можеме да чекаме мирна есен и неизбежен е четвртиот бран, што веројатно ќе дојде пред есента“,
изјави тој за РТС.
Според него, во Србија досега се вакцинирани 2 416 560 возрасни граѓани на Србија, што е 48,4 проценти од населението.
Ѓерлек напомена дека оние што не се вакцинирани непотребно играат „рулет со опасен вирус“ бидејќи, како што рече, државата има „милиони дози вакцини“.
На прашањето за делта-сојот, тој рече дека во Србија се регистрирани два случаја пред неколку дена и дека состојбата се следи.