Текстилната конфекција, во која деновиве се регистрираат позитивни случаи на ковид-19, а денеска им уште неколку работници кои се заразени, се затвора на седум дена.
Ова е осма текстилна фабрика во градот која привремено се затвора поради случаи на заразени.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој раководи со кризниот штаб, вели дека утринава имал разговор со сопственикот на конфекција, кој му соопштил дека во интерес да не се шири заразата меѓу вработените донел одлука процесот на производство да мирува.
„Апелираме работниците кои не одат на работа, но и оние кои се во изолација или имаат контакт со заразени со коронавирусот да седат дома и да се придржуваат на мерките“,
вели Бочварски.
Тој и здравствените власти потврдуваат дека денеска има регистрирано и случај на една заразена работничка во чевларска фабрика во Штип. По овој случај од оваа фабрика во самоизолација заминуваат уште тројца вработени со кои имала контакт.
Во Штип во моментов во изолација има вкупно 450 лица, а оваа бројка деновиве почнува да се намалува.
„360 степени“ минатата недела беше во Штип и на линкот во продолжение можете да ја погледнете репортажата за тоа дали и кој треба да одговара за пропустите во текстилната индустрија.
