Министерството за здравство објави дека од денеска почнува скринингот на одредени критични категории граѓани, наречен таргетиран скрининг.
Ќе се започне со вработените во градинките за паралелно да може на овој процес со кој се прави изготвување на протоколот за работа на градинките, тие да се ставаат во функција.
Во соопштението од Министерството за здравство се вели дека таргетираниот скрининг за вработените во градинките се спроведува по посебен протокол и со земање на брисеви во пунктовите од 8 до 14 часот, а закажувањето се врши преку договор помеѓу надлежниот Центар за јавно здравје или подрачна единица од територијата на соодветниот ЦЈЗ/ПЕ.
Скринингот ќе се прави со ПСР-тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот – односно луѓе кои се заразени, а не се свесни поради тоа што немаат симптоми. Со оваа стратегија, ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително зголемување на бројот на тестови.
„Сметаме дека е ова најдобриот пристап, затоа што на овој начин ќе можеме да ги ставиме во изолација и контактите на несвесните носители на вирусот. Затоа и го нарековме таргетиран скрининг“,
изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направија план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критична категорија. Во овој т.н. таргетиран скрининг ќе бидат тестирани здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижувањена стари лица, пациенти со хронични болести кои беа одложувани, пациенти на биолошка терапија.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека на територија на цела држава отворени се пунктови за земање брисеви од пациенти кои се упатени од матични лекари по претходен скрининг за ковид-19 во просториите на Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, а за Град Скопје во поликлиниките на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.
