Во карантин се ставени цели квартови и во тек е масовно тестирање на населението
Пекинг повторно воведува строги рестриктивни мерки и масовно тестирање, откако се регистрирани голем број нови случаи на коронавирус, а како жариште се посочува најголемиот пазар во градот, што предизвика стравувања од повторна појава на смртоносната болест.
Кинескиот главен град денеска пријави 36 нови случаи на ковид-19, со што вкупниот број во изминатите денови достигна 79, од 12 јуни кога за прв пат по скоро два месеци, се регистрирани нови случаи, соопшти Националната здравствена комисија.
Случаите се поврзани со пазарот во југозападниот дел на градот, од кој се снабдува најголемиот дел од населението со свежо овошје и зеленчук, а каде исто така се продава месо и морска храна. Пазарот од саботата е затворен.

Епидемијата веќе се рашири во провинциите Лиаонинг и Хебеј, каде беа откриени вкупно пет нови случаи како блиски контакти на заразени во Пекинг.
Новиот кластер предизвика сериозна загриженост во цела Кина, при што портпаролот на општинската влада на Пекинг Ксу Хеџијан го опиша како „исклучително непријатен период“.
Кинеските државни медиуми постојано ги критикуваа мерките на Кина за спречување на ширењето на вирусот бидејќи бројот на заразени и смртни случаи во странство се зголеми, додека кинеските власти се фалеа со успех.
Ненадејното одново појавување на вирусот во Пекинг, кој претходно се сметаше за еден од најбезбедните градови во земјата, ги подгреа изгледите за втор бран на инфекции и евентуално повторно воведување на рестриктивни мерки, кои претходно доведоа до застој на економијата.
На состанокот на Државниот совет, доцна во неделата, вицепремиерот Сон Чунлан изјави дека ризикот од последното ширење на епидемијата е „многу висок“, повикувајќи се на густата и високо мобилна популација на пазарот.
Воена состојба
Округот Фенгтаи, каде се наоѓа пазарот Ксинфади, во саботата објави воведување мерки како во воена состојба и формирање на команден центар за спречување на ширењето на вирусот.
На социјалните мрежи, „Глобал тајмс“, таблоид управуван од кинеската влада, објави видео на паравоени полицајци кои со маски за лице патролираат на пазарот, откако тој беше затворен во саботата.
Властите воведоа карантин во 11 станбени населби во близина на пазарот, строго забранувајќи некој да влезе или да излезе. Жителите имаат обврска секојдневно да мерат температура, а нивната храна и дневните потреби ќе им седоставуваат.

Во Пекинг, исто така, започа масовно тестирање за коронавирус, при што се поставени 193 штандови за земање брисеви во целиот град. Повеќе од 76 000 луѓе беа тестирани во неделата, при што 59 луѓе се позитивни.
Овие тестовите со нуклеинска киселина работат со откривање на генетскиот код на вирусот и можат да бидат поефикасни за откривање на инфекција, особено во раните фази, отколку тестовите кои го испитуваат имунолошкиот одговор на организмот, иако вторите се полесни за спроведување.
Округот Фенгтаи собра примероци од 8 950 луѓе кои работеле на пазарот Ксинфади. Досега се тестирани над 6 000 и резултатите се негативни.
Властите, исто така, тестираа и скоро 30 000 луѓе кои биле на пазарот во текот на 14 дена пред неговото затворање. Сите досега готови 12 000 тестови покажаа негативни резултати.

Владата во Пекинг нареди секој што го посетил пазарот и неговите блиски контакти да останат дома две недели на медицинско набудување. Исто така одложен е почетокот на школската година закажан за денеска.
Неколку локални претставници, меѓу кои и заменик-шефот на округот Фенгтаи, добија отказ порди новото жариште на епидемијата.
Но ова не е прв пат во изминативе месеци одново да се појават случаи на заразени. Во мај, неколку места на североистокот на земјата беа брзо ставени под строг карантин, откако увезените случаи предизвикаа појава на новозаразени кај локалното население.
Пред новиот кластер, Пекинг имал регистрирано само 420 локални инфекции и 9 смртни случаи во споредба со над 80 000 потврдени случаи и 4 634 смртни случаи на национално ниво, благодарение на строгите ограничувања на патувањето, наметнати на почетокот на пандемијата.
Како и поголемиот дел од земјата, животот во Пекинг започна да се враќа во нормала, со повторното отворање на продавници и училишта по што и толпата се врати во трговските центри, ресторани и паркови.
Во знак на доверба кон кинеската влада порди контролата врз вирусот, Парламентот дури го одржа својот годишен собир кон крајот на мај по двомесеченпрекин, дозволувајќи им на илјадници делегати да допатуваат во Пекинг од целата земја и да седат еден до друг на состаноци што траеа 10 дена.
Изворот води до дска за сечење лосос
Ху Ксин, главен уредник на „Глобал тајмс“, на Твитер објави дека Пекинг нема да стане втор Вухан, епицентар на пандемијата каде што за прв пат беше откриен коронавирусот во декември минатата година.
„Нема шанси Пекинг да стане Вухан број 2. Светот ќе го види моќниот капацитет на Кина во контролата на епидемијата, вклучувајќи го и (силното) владино раководство, почитување на науката, подготвеноста на јавноста за соработка и национално ниво координација на мерките за контрола. Ние повторно ќе победиме “,
напиша тој денеска на социјалната мрежа.
Властите во Пекинг сè уште се обидуваат да го пронајдат изворот на најновата зараза, и ветија дека ќе спроведат „најстроги епидемиолошки истраги“.
Според еден од раководителите на пазарот вирусот е откриен на даска за сечење користена од продавач на увезен лосос на пазарот, што ги покрена стравувањата од поширока зараза. Неколку ланци на супермаркети го отстранија лососот од нивните полици, пренесува „Пекинг Дејли“.
Додека сè уште трат истрагите, истражувач од центарот за превенција и контрола на болести во Пекинг изјави дека секвенца на геномот укажува на тоа дека вирусот што е откриен на пазарот е сличен на соеви што обично се наоѓаат во Европа.
„Но, сè уште е неизвесно од каде потекнува вирусот. Може да е од загадена морска храна или месо, или да биде пренесен од луѓе кои доаѓале на пазарот “,
изјави Јанг Пенг, за државниот радиодифузер CCTV во неделата.