Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека земјава е далеку од стекнување на колективен имунитет и апелираше граѓаните масовно да се вакцинираат за да се спречи нов бран на пандемијата
Вкупно 1 800 деца и млади од 12 до 16 години се пријавиле за вакцинација против ковид-19. Од нив, околу 500 досега примиле прва доза, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Младите се вакцинираат со вакцината „Фајзер“, а пријавувањето тече преку официјалната страница vakcinacija.mk.
Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 463 048 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6 608 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17 343 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 747 728 дози вакцини, а ревакцинирани се 284 680 граѓани.
Со последните бројки, наведуваат од Министерството, вкупно 60% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 57% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 53% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина .
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска рече дека земјава е далеку од стекнување на колективен имунитет и апелираше граѓаните масовно да се вакцинираат за да се спречи нов бран на пандемијата.