Најголем број од смртните случаи на пациенти со ковид-19 во земјава имаа хронични болести на белите дробови и дијабет.
„Најголем број од починатите се со хронични болести на белите дробови и дијабет. Може точната статистика да ја извадиме, тоа е хроничната опструктивна болест, хроничната кардиоваскуларна болест, хроничната слабост на срцето во смисла на кардиомиопатија и дијабетот. Стандардните три-четири хронични состојби кои го слабеат кардициркулаторниот капацитет, пулмоналниот и белодробниот капацитет и каква било белодробна инфекција значи дека може да има поголем ризик од смртност“,
вели министерот Венко Филипче.
Во земјава досега починаа 106 пациенти со ковид-19. Од нив, двајца беа евидентирани во денешната статистика. Станува збор за пациент од Скопје на 78-годишна возраст, примен во болницата „8-ми септември“ на 7 мај и пациент од Тетово, на 77-годишна возраст, кој бил на болничко лекување во истата болница од 14 мај.
