Во текот на минатата недела се пријавени 11 916 нови случаи, од кои 1 558 реинфекции, како и 148 смртни случаи во 26 града, што е за 38,3 отсто повеќе во споредба со претходните седум дена, според најновиот неделен извештај на ИЈЗ
Вкупно 11 916 нови позитивни случаи на ковид-19 се регистриран во периодот од 24 до 30 јануари годинава во земјава, што е зголемување од 2,7 отсто во однос на претходната седмица.

Тестирани се вкупно 38 518 материјали, за два отсто помалку од претходните седум дена, а процентот на позитивност се движел од 22,5 до 35,8 или просечно 30,3 отсто, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Највисока кумулативна инциденца на 100 000 жители се регистрира во Кавадарци (21 226,3), Скопје (19 312,7), Гевгелија (16.798,2) и Неготино (16.732,2), а најниска инциденца од 5 335,2 заболени на 100 000 жители се регистрира
во Дебар.
Регистрирана е зголемена стапка на зараза во 30 градови во државата, а намалување на инциденцата во последните две недели се забележува во Крушево, Пробиштип, Прилеп, Охрид и Битола во однос на претходните две недели.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи над 60 години (22,1 проценти) и од 30 до 39 години (22,1 отсто). Најмал број има кај децата до девет години.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 6 359 (53,4 отсто) лица од женски и 5 557 (46,6 проценти) од машки пол.

Согласно новиот алгоритам, во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 13 041 лице кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1 558 реинфекции, речиси идентично како и претходната недела.
Пријавени се 148 смртни случаи во 26 града, за 38,3 отсто повеќе во споредба со претходните седум дена. Најголем дел се од Скопје (48). Во однос на возраста, 89, 2 отсто од починатите се над 60 години.
Заклучно со 30 јануари, пријавени се вкупно 268 901 случај на ковид-19. Регистрирани се 8 409 смртни случаи. Активни во моментов се 13 628, а 246 864 се водат како оздравени.
Вкупно 866 227 лица се вакцинирани со барем една доза вакцина. Комплетно вакцинирани (со две
дози) се 842 917, а трета доза примиле 128 268 лица.
Опфатот со две дози на вакцина против ковид-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 50,6%, односно 46,7% над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупната популација е 40,7%.