Во неколку земји веќе се спроведени истражувања кои покажуваат кои се „најслабите алки“
Пандемијата со ковид-19, освен врз економијата, несомнено ќе има последици и врз здравјето на поединците, главно поради изолацијата која е една од мерките за заштита од ширење на коронавирусот, која најголем број од земјите ја применија.
Во неколку земји веќе се спроведени истражувања кои покажуваат кои се „најслабите алки“.
Невработеноста во Словенија
Бројот на невработени во Словенија во април се зголемил за 19,9 проценти достигнувајќи рекордно високо ниво за период од три години, објави тамошното Биро за вработување.

Бројот на невработени сега е 88 648, што е за 13,9 отсто повеќе во споредба со март.
Бирото за вработување објави и дека бројот на нови понудени работни места во април е намален за 41 процент во однос на март и за 60 проценти во однос на април 2019 година. Повеќето понудени работни места се за во градежниот сектор и за возачи на камиони.
Од средината на март, Словенија ги затвори сите училишта, барови, ресторани, хотели, културни и спортски центри и многу продавници. Исто така, го запре јавниот транспорт и им забрани на луѓето да се собираат на јавни места за да се спречи ширење на вирусот. Многу компании мораа да престанат или да го намалија производството поради намалена побарувачка или недостиг на делови.
Словенија досега има пријавено 1 448 случаи на заразени со новиот коронавирус и 99 смртни случаи.
Депресијата во Австрија
Во соседната Австрија, пандемијата со новиот коронавирус има негативни последици по менталното здравје на Австријците, а зачестеноста на симптомите на депресија во оваа земја, според студија на Универзитетот во Кремс, значително е зголемена.
Исто така, сѐ почести се и нарушувањата на сонот и симптомите на страв.

Симптомите на депресија се зголемиле од околу четири проценти на повеќе од 20 отсто, додека симптомите на страв кај населението се зголемиле од пет на 19 отсто.
Околу 16 проценти од населението изјавиле дека страдаат од несоница.
„Резултатите од истражувањето се вознемирувачки“,
изјави авторот на студијата Кристох Пих, кој раководи со одделот за психотерапија и биопсихосоцијално здравје.
Возрасните под 35 години, жени и невработени се особено оптоварени со сегашната состојба, додека оние на возраст над 65 години се помалку оптоварени со состојбата.
Дебелината во Франција
Во Франција, пак, изолацијата влијаела на зголемувањето на тежината кај поголем број Французи. Дури 57 отсто анкетираните се изјасниле дека сега имаат повеќе килограми од почетокот на примените на мерките за спречување на ширењето на ковид-19, на 17 март.

Испитувањето спроведено од институтот „Ифоп“ за специјализираната интернет-страница „Дарвин нутришн“ укажува дека француските граѓани имаат во просек 2,5 килограми поголема тежина, како последица на намалено движење, но и поради „постојаното грицкање“ седејќи дома.
Како што се наведува, 56 отсто од мажите и 58 отсто жени имаат неколку килограми повеќе. Меѓу нив, најмногубројни се невработените, двојките и родителите со деца.
Пивото во Мексико
Но, сепак, на листата на најчудни проблеми што произлегле како последица на пандемијата е Мексико, каде што Здружението на пиварници предупреди дека земјата во следните неколку дена би можела да остане без пиво.

Ова е резултат, според нив, на одлуката на мексиканската влада да не го смести производството на пиво во есенцијалните индустриски гранки, па пиварниците од март се затворени по вонредните мерки поради пандемијата.
Претседателката на Здружението, Карла Сикејрос, изјави дека нема точни проценки уште колкава количина пиво има во продавниците, но има сигурни информации дека цените драстично се покачуваат поради недостигот. Таа единствено им вети на жителите дека производството ќе почне веднаш штом владата ќе одобри враќање на работниците во фабриките.