Европа денеска го надмина прагот од 10 милиони случаи на коронавирус, соопшти регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа Ханс Клуге.
Изминатата недела, според СЗО, европскиот континент бележи најголема раст на случаи ковид-19 од почетокот на пандемијата – во изминатите седум дена се пројавени 1,5 милиони пациенти.
„Вкупниот број на потврдени случаи се зголеми од седум на девет милиони за само 14 дена, а денеска Европа го надмина прагот од 10 милиони случаи“,
рече Клуге на вонредниот состанок во Копенхаген на министрите за здравство во европскиот регион на СЗО.
Според податоците на оваа организација, во повеќето европски земји во период од 14 дена е регистрирана многу висока стапка на инциденца од повеќе од 200 случаи на 100 000 жители.
Има раст и на бројот на хоспитализирани и на стапката на смртност.
Хоспитализирани се повеќе од 10 лица на 100 000 жители во третина од земјите во Европа. Нагло се зголемила и смртноста односно во текот на минатата недела има пораст на смртните случаи за 32 проценти низ целиот континент.