Министерот за здравство Венко Филипче денеска апелираше до граѓаните да се воздржат од собирања, да се почитуваат мерките и да не дозволат да пропаднат сите досегашни жртви и откажувања
Комисијата за заразни болести врз основа на анализата на денешната бројка и на оние од претходните денови заклучила дека и покрај зголемениот број новодијагностицирани, епидемијата е под контрола, бројот на активни случаи е стабилен, потврдените случаи се од познати кластери и како резултат на групирањата на приватни собири, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Зголемувањето на бројот на новозаразени според Филипче е очекуван со олабавување на мерките и поголемото движење и тоа е случај и во соседните и во другите земји во Европа и светот: Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина.
Тој, исто така, констатира и дека сите здравствени институции нормално функционираат и нема никакви проблеми како резултат на недостиг на кадар, информирајќи дека 91 процент до здравствените работници што беа заболени веќе се оздравени.
„Првата битка ја добивме, но војната не е завршена. Првиот удар е амортизиран со контролиран број случаи, не се оптовари капацитетот на болниците и сѐ е тоа резултат на мерките. Само со строго почитување на мерките и препораките може да ја држиме епидемијата под контрола. Рестриктивните мерки ќе се олабавуваат и почнуваме да живееме нормално, но само ако сите ги почитуваме мерките, а институциите да спроведуваат контроли“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој упати апел до сите оние што не се придржуваат до мерките да не дозволат сите досегашни жртви и одрекувања да паднат во вода.
„Стабилизацијата има добра основа. Посткарантинските ефекти, затворањето на границите, крајот на вообичаената респираторна епидемија, затворањето на градинките и школите дадоа резултат, но тоа може да се смени. Најголема опасност се приватните собири, групирања и слични прослави и затоа апелирам да се воздржиме од тоа“,
рече Филипче.
Тој најави дека врз основа на истражувањата, студиите и примерите на поединечни земји најверојатно наесен ќе има и втор бран на коронавирусот, но дека сега сите здравствени капацитети се подготвуваат, почнувајќи од одделенијата за интензивна нега кои се опремуваат со неопходната опрема за здравствена заштита.
„Вирусот ќе остане додека не стекнеме имунитет. Мора да се научиме да живееме со него“,
рече Филипче.
