Во четири детски летни кампови на Халкидики, на Крит, во Коринт и во близина на Атика, поширокиот регион на Атина, потврдени се над 35 случаи на ковид-19, но според државната телевизија ЕРТ ситуацијата е под контрола, јави МИА од Атина.
Сепак, весникот „Катимерини“ коментира дека „десетиците случаи во камповите предизвикуваат загриженост“.
Во детскиот камп на Халкидики, во кој според медиумите, сместени се 2 000 деца на возраст од 13 до 17 години се потврдени 20 позитивни случаи, а во градот Ханија на Крит, вкупно девет и кампот ќе биде затворен до 15 јули.
Во близина на Атика, поширокиот регион на Атина, биле потврдени три позитивни случаи, додека, пак, утрово, медиумите во Грција објавија дека ковид-19 бил откриен во уште еден детски камп кај Коринт.
Според државната телевизија ЕРТ, од 1 600 деца на возраст од шест до 15 години во кампот кај Коринт, биле регистрирани шест заразени случаи.