Доколку овие тестови бидат воведени во редовна употреба, научниците се надеваат дека ќе добијат корисни податоци за ширењето на пандемијата, што ќе помогне при проекции за идна појава, како и за откривање на потенцијални вакцини и третмани
Велика Британија објави дека е одобрен тест кој идентификува антитела на новиот коронавирус, кој е стопроцентно точен, соопшти Јавното здравство на Англија (PHE).
Во соопштението од оваа институција се истакнува дека експертите врз основа на независна проценка на новиот тест на крв од швајцарска фармацевтска компанија „Рош“ утврдиле дека е „мошне специфичен“ и има точност од 100 отсто.
Како што објави Скај њуз, тестот е направен да помогне да се утврди дали пациентот имал ковид-19 и дали развил антитела, врз основа на што се утврдува дали некое лице стекнало имунитет против вирусот.
„Благодарение на огромните напори на нашите посветени колеги сега сме во можност да испорачаме висококвалитетен тест за антитела во големи количини, така што можеме да ги поддржиме здравствените системи низ целиот свет со важна алатка за подобро управување со здравствената криза ковид-19“,
изјави Северин Шван, главен извршен директор на „Рош“.
Претходно овој месец, тестот за антитела на „Рош“ беше итно одобрен и од Американската агенција за храна и лекови.
Што е тест за антитела и зошто е важен?
Кога некое лице се заразува со вирус, телото започнува да создава посебен вид протеини наречени антитела за борба против инфекцијата.
Откако лицето ќе оздрави, овие антитела остануваат во крвта со месеци, можеби дури и со години.

Затоа, точен тест за антитела може да идентификува дали некој имал ковид-19 и закрепнал, дури и ако немал симптоми на вирусот.
Со тековните тестови само се идентификува дали има присуство на вирусот. Некои од тестовите реагираа и на антитела, но не конкретно на овој вирус, туку и на други вируси од оваа група, како што е обичната настинка, поради што покажуваа лажно позитивни резултати.
Доколку овие тестови бидат воведени во редовна употреба, научниците се надеваат дека ќе добијат корисни податоци за ширењето на пандемијата, што ќе помогне при проекции за идна појава, како и за откривање на потенцијални вакцини и третмани.
Исто така, ќе се се обезбедат многу попрецизни бројки за тоа колку луѓе биле заразени, за да може да се добие слика за распространетоста на вирусот.