Италијански научници тврдат дека новиот коронавирус бил присутен во земјата долго пред официјално да биде регистиран првиот случај. Тезата ја темелат на анализата на водата во канализациските системи од два града, која покажала дека имало траги од вирусот уште во декември, јави Би Би Си.
Националниот институт за здравје од Италија соопшти дека водата од Милано и Торино содржела генетски траги на вирусот во примероци земени на 18 декември 2019 година. Студијата само се надоврзува на слични истражувања од други земји кои покажаа дека вирусот веројатно циркулирал меѓу населението многу порано пред официјално да биде потврден.

Кинеските власти официјално го потврдија првиот случај на ковид-19 на крајот на декември, додека Италија на средината на февруари. Во мај, француски научници изјавија дека дополнителните тестирањата на примероци од пациент кој бил лекуван од пневмонија на 27 декември, всушност имал коронавирус.
Студија во Шпанија пак покажа траги од вирусот во канализацијата во Барселона од примерок од водата земен во средината на јануари, или 40 дена пред првиот локален случај да биде откриен.
Научниците на италијанскиот Национален институт за здравје, во својата студија испитувале 40 примероци од водата од канализиските системи во северна Италија, кои биле земени меѓу октомври и февруари. Примероците од октомври и ноември биле негативни, што покажува дека до тој момент, вирусот се уште не бил на италијанско тло. Анализата на примероците во Болоња пак, покажала дека траги од вирусот почнале да се појавуваат во средината на јануари.
Според експертката за квалитет на водата Џозефина Ла Роса од Националниот институт за здравје на Италија, откритието може да им помогне на научниците да сфатат како вирусот почнал да се шири низ Италија. Сепак, таа додава и дека:
„Истражувањето не значи автоматски и дека главните канали на пренесување на болеста коишто доведоа до развојот на епидемијата во нашата земја потекнуваат од овие први случаи“
ја пренесува Би Би Си изјавата на Џозефина Ла Роса, експерт за води од Националниот институт за здравје
Првиот познат локален (не-увезен) случај на пациент со ковид-19 во Италија беше регистриран во регионот Ломбардија. Градот Кодогно, беше затворен и прогласен за „црвена зона“ на 21 февруари.

Слична судбина потоа доживеаја уште девет градови во Ломбардија. Во првата половина на март, целата држава влезе во карантин.
Од италијанскиот Национален институт велат дека резултатите ја покажуваат стратешката важност на водата од системите за канализација како алатка за рано детекирање, бидејќи може да сигнализира појава на вирусот пред клинички да се потврдат првите случаи. Многу земји сега ја користат истата техника.
Намерата, барем во Италија, е да се почне со пилот проект за мониторирање на водата во канализацијата во туристичките центри во јули, со крајна цел да се воспостави таков систем низ целата земја до крајот на годината. Близу 35 000 луѓе починаа од ковид-19 во Италија, според податоците на американскиот универзитет Џонс Хопкинс.