Американскиот потпретседател Мајк Пенс се наоѓа во самоизолација, надвор од Белата куќа, откако беше потврдено дека неговиот портпарол е заразен со коронавирус, објави Блумберг повикувајќи се на три неименувани извори запознаени со ситуацијата.
Пенс во саботата не присуствуваше на состанокот со претседателот Доналд Трамп и високи воени претставници.
Еден од изворите на Блумберг тврди дека вчерашниот резултат на Пенс на тестирањето за коронавирус бил негативен.
Тој додава дека Трамп и Пенс редовно се тестираат.
Белата куќа засега не ги коментира овие информации.
Во Белата куќа пред неколку дена беа пријавени два случаи на коронавирус предизвикувајќи сомнежи дека е можно и претседателот и потпретседателот да се заразени.
САД се на врвот на листата на земји со најмногу заболени и починати од кови19, според интернет-страницата „Ворлдометерс“, со 1 367 638 заболени и 80 787 починати лица.
Трамп неодамна најави дека и покрај се земјата мора да ги укине рестрикциите за да овозможи враќање на економијата во нормала.