Денеска до доцна попладне се чека подетална статистика за состојбата со епидемијата, како и за распределбата по градови на случаите од последното деноноќие
Од 868 направени тестирања на ковид-19 во последното деноноќие, 67 се позитивни. Има 27 оздравени пациенти и еден починат, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека се уште се чекаат подетални анализи и статистика за распределба на бројката на нови случаи по градови. Рече и дека околу 130 од тестовите се во рамки на скринингот, но дека и за тоа треба да се почекаат подетални резултати.
До утрово на Клиниката за инфективни болести се примени шест нови пациенти и вкупната бројка на хоспитализирани е 40. Нема пациенти на респиратор, а 16 се на кислородна поддршка. Во ГОБ „8 Септември“, се вкупно хоспитализирани 27 пациенти, од кои шест се на респиратор. Во болницата во Битола се хоспитализирани седум пациенти, а во Штип 14, на инфективните одделенија во Куманово, Охрид, Велес и Прилеп има 27 пациенти позитивни на коронавирус.
Филипче рече дека е откриен нов кластер во правен субјект во Тетово, со еден заболен, за што се направени или ќе се направат стотина тестирања. Во Липково, каде што вчера имаше 11 случаи на ковид-19, епидемиолозите се на терен. Според Филипче, интензивно се анализира и состојбата во Скопје, поточно во Чаир и во Студеничани, каде што повеќето контакти се во рамки на десет семејства.
