Повикот на Ковачки доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „360 степени“ во петокот рече дека инсистира евентуалната лидерска средба да биде во формат „еден на еден“, а не во формат на тимови
Пратеникот упати апел и до лидерот на ДУИ Али Ахмети да му даде, како што рече, одобрение на премиерот за средба со Мицкоски, откако претходно упати критики до Ковачевски дека нема никаков авторитет ниту во својата партија ниту во владата и за секоја одлука мора да го прашува коалицискиот партнер ДУИ
Пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки денеска го повика премиерот Димитар Ковачевски да се охрабри и и прифати тет-а-тет средба со лидерот на опозиската партија Христијан Мицкоски.

Повикот на Ковачки доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „360 степени“ во петокот рече дека инсистира евентуалната лидерска средба да биде во формат „еден на еден“, а не во формат на тимови.
Пратеникот упати апел и до лидерот на ДУИ Али Ахмети да му даде, како што рече, одобрение на премиерот за средба со Мицкоски, откако претходно упати критики до Ковачевски дека нема никаков авторитет ниту во својата партија ниту во владата и за секоја одлука мора да го прашува коалицискиот партнер ДУИ.
„Ковачевски кој што нема никаков авторитет во својата партија и во владата на ДУИ е потполно заборавен и запоставен, истиот не може да донесе ниту една одлука самостојно. Видовме дека тоа не можеше да го направи ниту кога ја поднесуваше својата оставка, односно кога требаше да ги прашува челниците на ДУИ, односно Али Ахмети. Истото се случува и со организацијата на тет-а-тет средбата, односно средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Ковачевски треба да се охрабри и да се одважи да ја организира средбата затоа што само тоа е единствениот пат за излез од политичката криза која што ја создадоа СДС и ДУИ. Ковачевски не треба да се плаши и треба да побара одобрување од Али Ахмети. Апелираме до Али Ахмети да му даде одобрение на Ковачевски, да најде начин да дојде на таа средба, затоа што после неуспехот на уставните измени Македонија ќе западне во политичка криза. Македонија мора да најде начин да излезе од оваа ситуација“,
рече Ковачки за време на денешната средба со жителите Смојмирово и Русиново во рамки на партиската кампања „Ова е Македонија за сите“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во гостувањето во „360 степени“ истакна дека средбата со Ковачевски да биде во формат „еден на еден“, а не во формат на тимови, бидејќи претходните искуства покажале дека во таков широк состав никогаш не се носеле заклучоци.
„Средба во тимови е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и, практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно на следната лидерска средба да излеземе со некаков заклучок“,
рече Мицкоски.
Лидерската средба пред една недела ја најави премиерот Димитар Ковачевски и на неа како што рече на маса ќе бидат две теми – уставните измени за вметнување на Бугарите и други народи во Уставот и добрососедските односи.
Неколку дена подоцна, односно кон средината на неделата, тој во изјава за МИА наведе дека средбата ќе биде формат на тимови и дека на неа ќе се бара начин да се добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
„Тоа е нешто што ќе го разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим, бидејќи ќе биде средба на којашто ќе присуствуваат тимовите и ќе треба да се изнајде начин практично од нивна страна да ја поддржат оваа одлука, бидејќи оваа одлука е практично глас за нашата интеграција во ЕУ и не смее и не може да биде предмет на дневнополитички калкулации или на добивање политички поени“,
изјави Ковачевски по средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на маргините на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“ што се одржа во главниот град на Словачка, Братислава.
Кога и дали ќе се одржи најавената лидерска средба засега нема официјална информација ниту од Илинденска бр. 2, ниту од седиштето на СДСМ. Државната новинска агенција МИА вчера повикувајќи се на свои извори, објави дека таа најверојатно ќе се одржи кон средната на претстојната седмица, конкретно в среда – 7 мај, а како локација на која Ковачевски и Мицкоски се очекува да ги соочат аргументите околу уставните измени беше споменат Клубот на пратеници.