На Ковачевски и сега му јасно дека нема две третини, но купува време, велат од опозициската партија

Ковачевски живее во паралелна реалност, уставни измени под бугарски диктат нема, ВМРО-ДПМНЕ понуди предлози, а тој уште не се изјаснил, реагираат од опозициската партија откако премиерот и лидер на СДСМ денеска од партиска трибина во Кавадарци го поздрави тоа што Христијан Мицкоски ги прифатил измените на Уставот.
„Јасно е дека Ковачевски е збунет зошто се приближува времето кога ќе мора да ги стави уставните измени во Собрание на гласање и ќе се види дека нема две третини. Од тој момент натаму нема да може да манипулира. На Ковачевски и сега му јасно дека нема две третини, но купува време“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија повторно потенцираат дека на лидерската во средата Мицкоски дал два предлози и бараат премиерот сега да се изјасни кој од нив е прифатлив.
„1. Уставни измени со одложено дејство кога ќе станеме членка на ЕУ и преодна влада без ДУИ;
2. Избори на есен, а потоа опозицијата која ќе биде да го поддржи следниот концепт. Барање на гаранции од европските институции за македонскиот многувековен идентитет, барање финансиска помош од ЕК за македонската економија и граѓани, барање до Бугарија да исполни најмалку 3 пресуди на ЕСЧП поврзани со правата на Македонците во Бугарија, па тогаш гласање на уставни измени“,
гласат двата предлози што ги истакнува ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски, додаваат оттаму, да не живее во паралелна реалност и нека каже кој предлог го прифаќа.
Премиерот и лидер на СДСМ претходно рече дека на политичката сцена има нова реалност бидејќи „не“ за уставни измени на ВМРО-ДПМНЕ, по лидерската станало „да“.
„Сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме, ’Не‘ стана ’да‘, прифаќањето на уставните измени од страна на Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам“,
рече Ковачевски од Кавадарци.