Ќе се посвети особено внимание на тоа регионот во секое време да има обезбедено храна и енергенси и да се обезбеди непречен проток во снабдувањето со основните прехранбени производи, односно да се реагира брзо и соодветно доколку се појави некое нарушување во синџирите на снабдување, вели премиерот Ковачевски
Во рамки на „Отворен Балкан“ веќе се преземаат иницијативи за економско-енергетската криза, како последица на ковидот и воената агресија врз Украина, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за српскиот весник „Политика“.
„Ние веќе разговаравме интензивно на минатиот самит на овие теми, а минатиот месец во Тирана имаа состанок и работните групи на нашите влади. На самитот тука во Белград, ние како Влади, но и ресорните министерства ќе имаат интензивни разговори за изнаоѓање конкретни начини за обезбедување доволно храна и енергенси со кои би ја пребродиле најтешката зима од Втората Светска Војна наваму. Ќе се посвети особено внимание на тоа регионот во секое време да има обезбедено храна и енергенси и да се обезбеди непречен проток во снабдувањето со основните прехранбени производи, односно да се реагира брзо и соодветно доколку се појави некое нарушување во синџирите на снабдување. Во досега воспоставените механизми и потпишани меморандуми за соработка ние практично се обврзавме да си помогнеме во наредниот период кој очекувано ќе биде сериозно тежок. Но, тоа секако не е непозната категорија. Ние си помагавме и во услови на ковид-пандемијата. Да заклучам, ние интензивно ќе работиме за да нема недостаток на храна и енергенси, но новата геополитичка реалност упатува на внимателност. Ќе имаме зима полна предизвици. Но, како и досега, како добри соседи, ќе си помагаме“,
рече Ковачевски.
Ковачевски уште еднаш повтори дека мора заеднички да изградиме силна и конкурентна регионална економија.
„Одливот на мозоци и постојаното иселување најчесто заради економски причини е навистина тема која е во фокус, но со вакви иницијативи се работи на тоа да им се овозможи на граѓаните, особено на младите луѓе, да си ја градат иднината тука, дома, во регионот. Со ‘Отворен Балкан’ и сите активности кои произлегуваат од него, ние сме чекор поблиску до европски плати, европски квалитет на живот, енергична економија и владеење на правото, сега, тука, дома“,
вели Ковачевски.
Премиерот Ковачевски заедно со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го отворат Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран во рамки на Иницијативата Отворен Балкан што од денеска до 4 септември се одржува во Белград.
Покрај саемскиот, промотивен дел, на кој посетителите ќе имаат можност да дегустираат храна, врвни вина и да се запознаат со туристичките потенцијали и понуди, предвиден е и политички дел – самит на лидерите на земјите членки на Отворен Балкан. На самитот, кој според Програмата треба да се одржи утре во Палатата Србија, покрај планираните панел дискусии се очекува да бидат потпишани и три документи за соработка во областа на храната, културата и цивилната заштита. На самитот е најавено присуство и на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, како и на министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу. По самитот, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Ковачесвки и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција.
