Кога се условува средба со само едно барање без да се разговара за најголемите предизвици со кои се соочува државата – економска, енергетска и безбедносна криза не може да се разговара, вели премиерот во интервју за ТВ21, во врска со барањето на Мицкоски за лидерска средба за датум за предвремени избори
Ковачевски ја отфрла идејата за предвремени парламентарни избори и оцеува дека опозицијата се плаши од редовни избори бидејќи нивните избрани градоначалници не ја оправдале довербата на граѓаните
Ако се работи за унапредување на законски решенија и проблеми на граѓаните, унапредување на стандардот на граѓаните, добредојдени се сите мислења од секоја политичка партија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Димитар Ковачевски на прашањето под кои услови би разговарал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој побара лидерска средба со Ковачевски, но за да разговараат за датум за предвремени парламентарни избори.
„Секогаш има простор за дебата и за унапредување на голем број законски решенија и тоа е начинот за демократска дискусија и дебата, но уценувања – или за тоа ќе се разговара или не се прифаќа, и закани од типот имате уште толку дена – не може“,
рече Ковачевски, во интервју за ТВ 21.
Тој вели дека дебата постои и денес и во комисиите, парламентарните групи, експерти кои се од разни области и дека и како заменик-министер за финансии и како премиер секогаш е достапен за сите раководители на институции без разлика на која политичка партија се.
„Имам комуникација со ЗЕЛС и можат и градоначалниците ако имаат некаков предизвик или треба некое решение на некаков проблем на релација Влада -Општина. Тоа е нормална комуникација, но кога се условува средба со само едно барање без да се разговара за најголемите предизвици со кои се соочува државата – економска, енергетска и безбедносна криза, не може да се разговара само на една тема“,
додава Ковачевски.
Тој ја отфрли идејата за предвремени избори истакнувајќи дека избори ќе има во редовниот термин.
„Ако тој мисли дека е ова време на неговиот ментор кога организираа избори на две години, ова не е веќе заробена држава и никогаш нема да се врати во тоа време. Не мислам дека некој од владината коалиција се плаши од предвремени избори, туку дека опозицијата се плаши од редовни избори во 2024 година, бидејќи ја добија довербата да водат доминантен број општини и гледаме какви се перформансите. Еве пример е Скопје“,
рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека имаат стабилно мнозинство и Влада и редовни избори ќе има во 2024 година, а на опозицијата, како што вели, ѝ останува да покаже како управува со општините за кои граѓаните и дадоа мандат да ги управува.
Бојкот на штета на граѓаните
Ковачевски посочи дека најавата за блокада од опозицијата не е ништо ново и дека во Собранието се блокирани неколку десетици закони клучни за граѓаните – како што е законот за АРМ, за Клинички центар, за проекти за финансирани од Светската банка и потсети на наинот на кој се носеа антикризните мерки.

„Нема дебата, практично туку се одолговлекуваше целата процедура и се беше направено на ист начин како и сега“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека тоа што го прави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е најнеодговорното нешто што може некој да го направи во време на најголемата економска, енергетска, здравствена и воена криза во Европа по Втората светска војна.
„Во услови кога растат цените на енергенсите, кога растат цените на храната и во услови кога во Европа сите политички субјекти се обединуваат за да најдат начини за задржување на животниот стандард, Мицкоски продолжува со блокади“,
рече Ковачевски и додаде дека однесувањето на Мицкоски е неодговорно и претставува мобинг врз пратениците, кои се избрани од граѓаните, а не од партијата.
„Тој активен бојкот, како што го нарекуваат, нема да нанесе штета на Владата или на Собранието, туку ќе нанесе штета на граѓаните. Треба да се носат брзи решенија за справување со кризата, а не да се блокира и бојкотира“
рече Ковачевски.