Во однос на наводите на Никола Димитров за државната политика кон Бугарија, мандатарот оцени дека станува збор за изразено лично незадоволство поради тоа што завршува неговото учество во Владата
Враќање на довербата низ дијалог очекува претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, од средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Сметам дека нивото на односи меѓу две соседни држави кои имаат предизвик меѓу себе треба да биде на многу повисоко ниво. Прво треба да отвориме разговор бидејќи она што треба да го направиме е враќање на довербата низ дијалог. Јас се уште стојам на ставот, а впрочем тоа е и ставот на премиерот Петков, дека разговорот треба да се води на теми кои гледаат кон иднината, односно во делот на економската соработка, иновациите, инфраструктурата, културата, во делот на помошта на евроинтегративниот процес на државата“,
рече Ковачевски вечерва на Телма.
Тој вели дека е добра порака што првата посета на бугарскиот премиер ќе биде на нашата држава. За минатото, додаде, секако постои историска комисија која продолжува со својата работа.
„Владата ќе ја почитува Резолуцијата на Собранието, но сметам дека низ еден дијалог и враќање на довербата и формирање групи кои ќе работат и почесто во еден месец ќе се состануваат, ќе разговараат за инфраструктурно, економско, културно поврзување на двете држави, ќе ги релаксираат односите. Доколку зборуваме на позитивни теми и теми што не зближуваат ќе нема место за пропагандисти кои шират негативна енергија меѓу граѓаните, тоа се потврди и кога се решаваше прашањето со Грција. По решавањето на прашањето веќе имаме односи кога зборуваме за економска соработка“,
посочи Ковачевски.
Коментирајќи ги наводите на досегашниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, за државната политика кон Бугарија, Ковачевски оцени дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата.
Тоа што го кажува Димитров, како што рече мандатарот, воопшто не е точно, зашто тој лично бил дел од градењето на истите тие позиции.
Тој образложи и зошто решил на местото на Димитров да дојде досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
„Не би сакал да судам за мандатни писма што ги дал друг премиер, меѓутоа сметам дека оперативно, според извештајот на СИГМА што е правен за реализацијата на задачите, дека таа работа можела и требало да биде извршена на повисоко ниво. Правејќи ја анализата за композицијата на Владата ги гледав и анализите за реализацијата на министерствата во однос на плановите и во однос на остварувањата. Сепак, сметам дека во СЕП фокусот треба да биде на подготовката на реформските закони, на координација на другите ресори во однос на подготовката на реформи, во однос на преведување и во однос на хармонизацијата на законските реглативи и сметам дека Маричиќ, кој има доволно искуство – и академско и професионално во делот на европските интеграции, оперативно многу подобро ќе одговори на таа функција“,
рече Ковачевски.
Во однос на критиките дека не е упатен во надворешната политика, Ковачевски вели дека не постои универзален експерт за сите прашања.
„Мандатар, премиер е тој кој треба да координира со ресорите, да управува со ресорите и како што постои МНР, како што постои СЕП, така постои и МЗ, МФ…“,
рече Ковачевски.