Премиерот Ковачевски смета дека политиките и реформите кои ги спроведува Владата се насочени кон создавање на независно и транспарентно судство. Според него, правосудството, обвинителството, истражните институции треба да се ослободени од политички, партиски или бизнис-интереси бидејќи тие му наштетуваат не само на имиџот на целиот правосуден систем, туку и на државата во целина.
„Никој не треба да биде над законот и секој треба да сноси одговорност за постапките. Институциите имаат одговорност да ги проверат наводите за евентуални коруптивни активности кај кој било поединец и да утврдат дали се тие вистинити. Одговорноста има име и презиме и затоа ги охрабруваме правосудните органи самостојно да одлучат и да преземат чекори за напредок на планот на практикување на правдата и практикување на непристраноста и професионалноста, со што ќе се зајакне и интегритетот на правосудните органи“,
потенцира премиерот во интервјуто за МИА.
За него борбата со корупцијата е државен и врвен приоритет, а вели дека е охрабрен од фактот дека повеќе надлежни институции преземаат мерки во насока на спречување и санкционирање коруптивни дела.
„Министерството за внатрешни работи, на пример, ги интезивираше активностите на ова поле. Во 2022 откриени се 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители (158 физички и 6 правни лица), со кои била причинета материјална штета поголема од 227 милиони денари“,
нагласува Ковачевски.
Сепак, вели дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се области на кои постојано треба да се работи со цел да се унапредат и подобрат, а за унапредување на состојбите, најмногу може да се стаса преку пристапниот процес во ЕУ бидејќи низ него се детектираат слабостите, но и се нудат решенија преку критериумите кои треба да ги исполниме за да влеземе во ЕУ.
„Искуствата на други земји покажуваат дека пристапниот процес ќе придонесе за подобро справување со корупцијата, а тоа и го очекуваат граѓаните – функционална држава која се темели на праведноста и демократијата, на владеењето на правото“,
смета премиерот.