Премиерот во интервју за австрискиот весник вели дека тие потекнуваат од трети земји
Зад дезинформациите што во нашата земја се пласираат во контекст на актуелните политички случувања и војната во Украина стојат оние кои не сакаат напредок на Северна Македонија, вели премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за австрискиот весник „Пресе“.
„Тие потекнуваат од трети земји кои не сакаат оваа земја да напредува и да се развива. Ова е јасно финансирано од Русија. Затоа членството во ЕУ е наша стратегиска цел. Тоа нуди слобода на критичко размислување, социјална правда и економски просперитет. Тоа го сакаат и луѓето во Северна Македонија и во регионот“,
вели Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во интервјуто посочува дека Северна Македонија во целост ја спроведува одлуката на Советот на Европа за забраната за емитување на руските медиуми „Спутник“ и РТ, како што неодамна направија и САД, Велика Британија и други земји.
„Северна Македонија целосно ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ. Првпат воведовме санкции кон Русија, почнувајќи со оние од 2014 година “,
посочи премиерот Ковачевски за австрискиот медиум.
