Ковачевски во САД патува со владина делегација во чиј состав се вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Премиерот во Њујорк ќе има обраќања на приемот во Обединетите нации, организиран по повод 30 години од членството на С Македонија во ОН, како и на настан по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај
Премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација е во работна посета на Соединетите Американски Држави (САД), која започнува утре и во чии рамки се предвидени повеќе настани, обраќања и средби во Обединетите нации во Њујорк и во главниот град Вашингтон, соопштија денеска од Секторот за односи за јавноста на Владата.

Во состав на владината делегација што ја предводи Ковачевски се вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Прво во агендата на Ковачевски, според владиното соопштение, е предвидено да биде неговото обраќање на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, во седиштето на светската организација во Њујорк, а на покана на актуелниот претседавач со Советот за безбедност на ОН, Швајцарија.
Ковачевски во Њујорк ќе има и обраќања на приемот во Обединетите нации, организиран по повод 30 години од членството на С Македонија во ОН, како и на настан по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 Мај.
„За време на престојот во Њујорк, како дел од програмата за одбележувањето на 30 годишнината од членството на Северна Македонија во организацијата на Обединетите нации, премиерот Ковачевски ќе оствари средби со високи претставници на УНИЦЕФ и УНДП и ќе се обрати на приемот во ООН организиран по повод 30 години од членството на Северна Македонија во организацијата на Обединетите нации. Како дел од програмата за одбележување на 30 годишнината, премиерот Ковачевски, во седиштето на ООН ќе учествува и на панел дискусијата посветена на превентивна дипломатија, медијација и политика на пријателство. Воедно премиерот Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати на настанот организиран по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик“,
се наведува во соопштението од Владата.
Од Њујорк владината делегација на чело со премиерот патува за главниот град на САД, Вашингтон, каде што се предвидени средби со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар; заменикот-советник за национална безбедност на САД, Џонатан Фајнер; советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, и со повеќе сенатори и конгресмени на САД. Воедно, како што се наведува, Ковачевски ќе има средба и со членовите на бордот на Атлантскиот совет.
„Како дел од работната посета на Вашингтон, премиерот Ковачевски ќе го посети престижниот универзитет „Џон Хопкинс” во Вашингтон каде по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, премиерот Ковачевски ќе се обрати и ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за Северна Македонија и земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат, имајќи ја предвид потребата за брз развој на регионот“,
информираат од Владата.
Според агендата, планирана е и средба на премиерот со претставници на македонската дијаспора во САД.
