Премиерот вели дека оваа Влада од прв ден работи со предизвици и изрази увереност дека ќе успее да ја преброди и сегашната криза
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема потреба од формирање широка коалиција и експертска влада. Коментарот на Ковачевски доаѓа по изјавата на Павле Трајанов во понеделничкото издание на „360 степени“ во кое вели дека треба да се размислува за создавање на широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите политички партии.
За премиерот Ковачевски ова е неприфатливо затоа што, според него, оваа Влада има политички легимитет и капацитет, и политички, и економски, од секој аспект да се справи со предизвиците коишто се пред нас.
„Ја видов изјавата на Павле Трајанов. Тој веројатно беше мотивиран од она што јас го кажав во Собранието дека сите политички партии, без разлика дали се на власт или се во опозиција, треба да го дадат свој максимум во делот на справувањето на државата со енергетската и со економската криза во која што се наоѓа целиот континент“,
додаде Ковачевски на прес-конференцијата во Владата по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека оваа Влада од прв ден работи со предизвици и изрази увереност дека ќе успее да ја преброди и сегашната криза.
„Ако се сетиме на 17 јануари кога беше изгласана оваа Влада, истите овие прашања ми ги поставувате, а тоа е дали ќе има затоплување на градот Скопје, бидејќи знаете тогаш на 14 јануари практично Скопје немаше затоплување. И истото се однесуваше на снабдувањето на електрична енергија. Успеавме да обезбедиме непречено снабдување со храна, бидејќи нашите соседи имаа воведено забрани за извоз на храна, а дел од нашите стратешки производи ги снабдуваме од соседството, дел извезуваме во другите соседни земји и преку директни контакти со претседателите на Србија, Албанија и на Грција успеавме да обезбедиме непречен проток на храна. Сето тоа беа предизвици со кои успешно се справивме. Се справивме успешно со уште еден пик на корона вирусот. И сметам дека во наредните шест месеци ќе се справиме со енергетската криза којашто е пред нас“,
изјави Ковачевски.