Врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите од кои тие се информираат. И тоа ретко има врска со достапноста на информациите колку што има врска со начинот на кои информациите се пренесени, тврди Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата е транспарентна и дека тоа може да го поткрепи со факти.
„И како премиер и како личност сум човек кој сака бројки и факти бидејќи тие не лажат. Факт е дека од 2017 г. наваму Владата е отворена и транспарентна, и тоа го докажуваат бројките кои произлегуваат од годишни, методолошки издржани и споредливи мерења. Бројките за Владата, според Центарот за граѓански комуникации, кој го мери индексот на активна транспарентност, велат дека во 2016 година имало 25 % транспарентност, која започнува да расте и во последниве две години достигнува и задржува 100 % транспарентност”,
кажа Ковачевски во обраќањето на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Примерот на Владата треба да го следат и другите институции, рече Ковачевски алудирајќи на локалната, правосудната и законодавната власт.
Премиерот смета дека граѓаните главно ја градат довербата врз основа на перцепција и лични искуства, а ретко врз факти и мерења. Тој додава дека граѓаните од медиумите ги добиваат информациите за Владата.
„Ако сега излеземе надвор од оваа сала и прашаме граѓани колкава е транспарентноста на Владата, која според мерењата е 100 %, тие нема да одговорат со научен методолошки измерен факт, туку ќе одговорат каква е нивната перцепција и искуство за темата за која се прашани. Доколку пак прашаме колкумина од нив ги следат информациите директно од каналите на Владата, а колкумина преку медиумите, ви гарантирам дека повеќето, ако не и сите, ќе посочат дека информациите за работата на Владата ги следат преку медиумите. Секако, медиумите имаат своја слободна уредувачка политика, која ние ја поддржуваме, на која како институциите не сме ни помислиле да влијаеме, но мојата поента тука е дека врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите со своето работење од кои тие се информираат. И тоа ретко има врска со достапноста на информациите колку што има врска со начинот на кои информациите се пренесени”,
рече Ковачевски.
Тој посочи дека новата Стратегија за транспарентност 2023-2026 година подразбира институциите да го зголемат обемот на информации од јавен карактер што ги објавуваат на своите веб-страници.