Премиерот Димитар Ковачевски верува дека меѓу 120. пратеници во Собранието мнозинството е за европска интеграција на државата и се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став околу уставните измени искажан на лидерската средба од страна на нивниот лидер Христијан Мицкоски

Две недели по средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сè уште се чека да профункционираат меѓупартиските групи за уставните измени.
Премиерот Димитар Ковачевски верува дека меѓу 120. пратеници во Собранието мнозинството е за европска интеграција на државата и се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став околу уставните измени искажан на лидерската средба од страна на нивниот лидер Христијан Мицкоски.
Ковачевски вели дека во секој случај процесот нема да застане без разлика на променливите ставови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што рече, тие знаат често да ги менуваат ставовите.
„Верувам дека во Собранието од 120. пратеници има огромно мнозинство кои се за европските интеграции на државата. Таа поддршка недвосмислено доаѓа од сите наши стратешки партнери и доаѓа уште една многу важна порака дека сега е моментот кога треба да се донесат овие одлуки со цел продолжување на нашата европска интеграција и градење на општество какво што граѓаните сакаат“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето на клучеви од социјални станови во Виница.
На прашањето дали постои оптимален рок до кога СДСМ ќе го чека ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече дека роковите се пропишани согласно со закон.
„Предлогот е доставен до Влада од страна на Министерството за правда, тој се наоѓа на техничка работа во службите и подоцна ќе биде доставен до Собранието, до уставната Комисија која ја води претседателот на Собранието и согласно со законските рокови и се разбира согласно со политичката волја во Собранието така ќе биде организирана работата во однос на носењето на амандманите. Што побрзо тоа се заврши тоа е подобро за државата, бидејќи државата не смее да биде блокирана одвнатре бидејќи ако досега Македонија имаше вето однадвор, сега за прв пат се случува блокадата да доаѓа одвнатре“,
рече Ковачевски повторувајќи дека овој процес не смее да биде заложник на никакви лични или партиски агенди и кариери со оглед дека се работи за иднината на државата.
Ковачевски вели дека интенцијата е работните групи да работат на имплементација на она што беше договорено на лидерската средба, она што беше јавно кажано и соопштено.
„Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став, јавно искажан од нивниот претседател Христијан Мицкоски на прес-конференцијата и дека тоа што го кажа дека за нив е прифатливо, а тоа е воведување на други народи во Преамбулата на Уставот, дека е прифатливо да биде дел од владата којашто ќе ги спроведе уставните амандмани, дека е прифатливо да бидат дел од влада која ќе го заврши скрининг процесот, која ќе отвори неколку од поглавјата и ќе затвори две поглавја до изборите. Таму беше потврдено дека легитимитетот на парламентот веќе не е доведен во прашање ниту, пак, легитимитетот на Владата бидејќи тие ќе станат дел од Владата“,
рече Ковачевски.
По лидерската средба на 7 јуни, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека чекаат одговор од СДСМ да се изјасни која од двете понуди што партискиот лидер Христијан Мицкоски ги изнел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски е прифатлива за власта. Оттаму повторуваат дека нивните позиции се јасни, а тоа е дека нема да има Уставни измени по бугарски диктат. Лидерот на партијата во саботата, на трибина на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“ ѝ порача на власта дека залудно ќе разговара со пратеници од неговата партија за уставните измени, затоа што тие, како што нагласи, нема да се случат под бугарски диктат ниту сега ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ.